Кока Кола оваа година ја заснова својата глобална празнична реклама на благодарноста. Кампањата донесува редизајнирана амбалажа и спот за модерниот Дедо Мраз и еден виленик, во кој секој од нив нешто дава и нешто добива за возврат.
Рекламата ја креираше агенцијата Pereira & O’Dell, а ја режираше Теодор Мелфи, режисер кој е номиниран за Оскар за филмот „Hidden Figures“.
Според агенцијата која го изработи спотот, кампањата е глобална, иако од Кока Кола велат дека оваа кампања нема да се спроведува во САД, а вклучува посебни божиќни амбалажи за шишињата и лименките кои содржат 30 пораки на благодарност, вклучувајќи ги: „Би благодариме што создавате магија“, „Ви благодариме што прекрасно пакувате подароци“, „Ви благодариме што ширите Божиќна радост“, „Ви благодариме што ги полните чорапите со подароци“ и „Ви благодариме што пеете Божиќни песни.“
Рекламата ни ја донесува приказната за Скот, виленик од трговскиот центар, кој обидувајќи се да импресионира една девојка, непромислено ќе се пофали дека има 10 метарска божиќна елка. Потоа го запознава Дедо Мраз, чија што санка е скршена, па како и сите модерни пријатели, тие го делат нивното такси. Заедно со возачот испорачуваат неколку подароци – а Скот на крајот за својата помош, во знак на благодарност е награден со прекрасна Божиќна елка.