Компанијата за безалкохолни пијалаци Coca-Cola не застанува да трага по алтернативни материјали за пакување како дел од своите заложби за поголема еколошка одржливост.
Откако на почетокот од годината откри прототип на хартиено шише, сега повторно се враќа на пластика – но не добиена од петролеум, туку од растенија.
Со новиот материјал, од Кока-Кола се надеваат дека повеќе нема да има потреба од петролеум за производството на комерцијални пластични шишиња – и тоа не само за себе, туку и за сите свои конкуренти. Имено, компанијата планира да ја сподели технологијата и со останатите учесници во индустријата.
„Нашата цел е да развиеме одржливи решенија за целата индустрија. Сакаме другите компании да ни се придружат и да се придвижиме напред, заеднички. Не гледаме на обновливите содржини како поле во кое сакаме да имаме конурентска предност“ – истакнува Дана Брид, глобален директор за пакување и одржливост на Кока-Кола.
Новиот материјал ќе биде создаден од соединенија добиени од растителни шеќери, кои по својата молекуларна структура се идентични на петролеумските соединенија кои се користат за добивање на пластика. Тоа значи дека новите пакувања ќе можат да се рециклираат заедно со стандардната пластика, а од друга страна да не нанесуваат штета на планетата преку експлоатацијата на петролеум.
Компанијата се надева дека со 2030 година целосно ќе премине кон употребата обновливи материјали при производствениот процес во Европа и Јапонија.