Coca-Cola најави освежување на вкусот и изгледот на својот без-шеќерен пијалак Coca-Cola Zero Sugar.
Според соопштението на Coca-Cola, со мала промена во рецептот, вкусот на пијалакот ќе биде доближен до оној на класичната Coca-Cola. Тука треба да се истакне дека оваа промена веќе беше направена во некои европски и јужноамерикански пазари, но сега таа ќе биде имплементирана целосно, вклучувајќи го и најголемиот и најзначаен пазар на компанијата – Северна Америка.
Меѓутоа, пред тоа ќе има краток период на тестирање на новиот рецепт, со цел да се видат реакциите на потрошувачите, пред тој да биде целосно лансиран во САД и Канада во текот на август, заедно со нова огласувачка кампања која наводно ќе го носи насловот “Best Coke Ever?” („Најдобрата Кока-Кола некогаш?“).
Како дел од промената беше објавен и новиот изглед на пакувањата на Coca-Cola Zero Sugar, па така наместо досегашната црвено-црна позадина со комбинација на бел и црн текст, новите пакувања ќе имаат целосно црвена позадина на која текстот ќе биде испишан само со црни букви.