Codefest 2016 зближува ИТ студенти, бизниси и гуруа
Ако сте биле дел од претходните Codefest настани во изминатите 3 години, веројатно веќе ви е позната посебната атмосфера на овој настан. Се работи за 32 часовен маратон во програмирање на кој учествуваат млади луѓе и со своите тимови работат на развивање на сопствени креативни и иновативни идеи. Во тие 32 непрекинати часови, студентите имаат можност да се запознаат и директно да работат со повеќе истакнати професионалци од технолошки области. За еден студент, ова е навистина важно искуство, а може да биде и голем скок напред доколку оставите добар впечаток.
На настанот досега паралелно се одвиваше и on-site регрутација каде неколку компании можеа директно да направат мини-интервјуа со дел од учесниците кои би сакале да ги вклучат во своите редови. Присуството на технолошки компании на настанот се покажа како добра можност за учесниците да се вклучат во технолошката заедница, а резултатите беа повеќе успешни вработувања и пракси.
Покрај врвните ментори и компаниите, на претходните Codefest маратони гостуваа и по неколку предавачи кои држеа говори пред присутните. Минатата година, огромен интерес предизвика Ербил Караман од централниот тим на Facebook, како и Асиф Раџа, основач и извршен директор на Mindmakr од Лондон, и нашиот компјутерски гениј Марко Чаласан.
Codefest е карактеристичен по добрата атмосфера и енергичност на сите присутни, па така во 4 часот по полноќ може да се забележи полна сала со тимови кои активно работат на своите продукти, играат xBox игри, свират гитара, или одмараат на lazy bags. Во една така опуштена и пријатна околина, навистина може да се препознае младешкиот дух, како и непосредната и неформална комуникација со менторите и предавачите. Ова е околината од која произлегуваат некои од првите продукти и демо верзии на дел од натпреварувачите, кои за својата работа се вредно наградени.
Покрај сето ова, годинава пакетот на Codefest се проширува, па претстојното 4то издание ветува настан кој може да се спроедува со светските технолошки настани. Во делот на Codefest Marathon, измени во поглед на концептот на настанот нема, па така тој останува 32-часовен бесплатен натпревар за тимови од студенти. Сепак, оваа година има многу новитети кои настанот го прават уште повозбудлив. Годинава, Codefest Marathon е официјален член на светската лига на хакатони, Major League Hacking, а со тоа учесниците добиваат интернационални признанија и светска видливост. Исто така, сите избрани тимови годинава ќе работат со ментори од светски калибар, што е неверојатна можност и причина да се учествува.
Поради големиот интерес за настанот претходните години, организаторите оваа година одлучија да ја збогатат програмата со тоа што ќе го направат настанот интересен покрај за студентите, така и за сите ИТ професионалци, ентузијасти, претставници на компании и слично. Па така, Codefest 2016 подготвува еднодневна технолошка конференција, Codeference, на која гости-предавачи ќе бидат светски и наши познати експерти во повеќе области, како: технологија, иновации, дигитален маркетинг, стартапи и инвестиции. На конференцијата ќе се даде осврт и на моменталните состојби во развојот на технолошката и стартап сцената кај нас и на Балканот, а ќе имаме можност во врска со тоа и да добиеме совети за побрз развој според практиките од Западна Европа.
Покрај стандардните предавања и панел дискусии на Codeference, која ќе ги обедини сите страни на технолошката заедница, планирани се и неколку networking сесии, изненадувања и забавна програма, кои дополнително ќе се најават. Меѓу досега најавените говорници се вбројува претставник од Google, експерти од светот на инвестициите, основачи на успешни европски компании, автори, итн.
Компаниите оваа година ќе имаат уште позасилено присуство на Codefest, сега во нов track на настанот специјално предвиден за компании и стартапи, CFX-Business Expo. Она што на претходните Codefest настани беше познато како on-site регрутација, сега компаниите ќе можат да го прават на поелегантен начин, преку свој изложбен простор каде ќе можат да се претстават, а истовремено да сретнат нови деловни партнери, како и да забележат соработници меѓу младите таленти.
Овој 15-17ти април, хотелот Инекс Горица во Охрид е центарот на случувањата. Понудата е навистина примамлива, а Охрид во април е прекрасна причина за продолжен, Codefest викенд. Апликациите се отворени за сите три делови на Codefest 2016. Рокот за пријавување за Codefest Marathon e 15ти март, додека пак за Codeference и CFX-Business Expo постојат повеќе опции за регистрација кои се достапни на линковите: http://www.codefest.eu/codeference#Register и http://www.codefest.eu/cfexpo#Join.