Популарниот бренд на пиво Corona лансираше нова кампања во која реши да го „жртвува“ своето шише со цел да ги потсети фановите дека нивните амбалажи се всушност повратни.
Кампањата се состои од билборди поставени во неколку јужноамерикански и европски градови, а кои што прикажуваат сцени од луѓе што уживаат на плажа. Меѓутоа, во нивните раце или на песокта каде би очекувале да има шише Corona – тоа е отсутно, а наместо амбалажата стои текстот: „Го вративме шишето од оваа реклама. Врати го и твоето.”
Иницијативата има за цел да ги поттикне луѓето „правилно да се ослободат од празните амбалажи на Corona, без да ги загадуваат плажите и океаните“. Притоа, кампањата овозможува да „блеснат“ други аспекти од идентитетот на брендот, како плажата, сонцето, природата и секако – нивното „крунисано“ лого.
Досега, повеќе од два милиони празни шишиња биле вратени назад во земјите каде се спроведува проектот за рециклирање на брендот.
Кампањата е создадена со помош на креативните агенции DAVID São Paulo и DAVID Bogota.