Хрватската туристичка заедница започна нова промотивна кампања “Croatia, your new office!” (Хрватска, твојата нова канцеларија!) со цел позиционирање на Хрватска како атрактивна и добро подготвена дестинација за дигиталните номади.
Рекламната кампања, покрај ПР и медиумски активности, ќе се спроведува и на Фејсбук и Твитер, со посебен фокус на пазарите во САД, Канада и Велика Британија.
Како дел од кампањата на веб-страницата croatia.hr, заедно со Министерството за туризам и спорт, беше креирана посебна потстраница “Croatia your new office“ на англиски јазик, која ги содржи сите важни информации за пријава и престој на дигиталните номади во Хрватска.
Хрватската туристичка заедница потсети дека хрватскиот парламент го усвои Законот за странци, според кој на дигиталните номади може да им се дозволи привремен престој во земјата во траење до една година.
Министерката за туризам и спорт на Хрватска, Николина Брњац, истакна дека Хрватска е една од првите членки на Европската унија што регулира едногодишен привремен престој за дигитални номади.
Водечкиот светски бренд на туристички водичи Lonely Planet ја посвети својата неодамнешна статија на тема дигитални номади и условите кои странците мора да ги исполнат за да поминат една година во Хрватска како дигитални номади, а магазинот Форбс во француското и американското издание објави напис за Хрватска како пожелна и отворена дестинација за дигитални номади.