Автомобилскиот бренд Форд лансираше нова кампања за промоција на својот сервис за одржување на возила, FordLiive, која прикажува црвени комбиња кои се движат како црвените зрнца во човековиот крвен систем.
Во главниот спот на кампањата, насловен „Heartbeat“ („Отчукување на срцето“), гледаме „флота“ на црвени комбиња кои возат низ мрежа на патишта, односно артерии и вени, влегувајќи и излегувајќи од црвено стовариште т.е. срце, на еден совршено организиран и синхронизиран начин. Во рекламата нема ниту една статична сцена.
Кореографијата најпрвин била испланирана со помош на минијатурни комбиња, а потоа филмот бил сниман во Мадрид за време на карантинот во декември 2020, целосно преку дрон и хеликоптер. Рекламата е пропратена со оригинална композиција на електро-артистот Mint Royale.
Кампањата е создадена со помош на агенцијата Abbott Mead Vickers BBDO. Креативен директор е Мартин Лорејн, а режисер е Николај Фуглсиг од продукциската куќа MJZ. Медискиот закуп е должност на GTB/Mindshare.
Рекламата е наменета за европскиот пазар и ќе се емитува на YouTube, Facebook и LinkedIn. Целната група кон која е насочена се бизниси кои имаат обемен возен парк на комбиња.