Како што сѐ повеќе фудбалски клубови ширум светот склучуваат партнерства со познати модни брендови, Кристал Палас стана првиот фудбалкиот клуб од англиската Премиер Лига кој назначи сопствен креативен директор за да ги надгледува модните колекции на тимот.
Изборот на лондонскиот клуб за пополнување на новата работна позиција е спортскиот маркетер Кени Анан-Џонатан. Од основањето на креативната агенција The MailRoom во 2019 година, тој има соработувано со повеќе глобални брендови и менаџирал со модните партнерства на неколку познати спортисти во Обединетото Кралство.
Сега, во неговиот прв предизвик како главен креативен директор на Кристал Палас, Анан-Џонатан ќе биде задолжен за лансирање на нова малопродажна колекција модни парчиња со боите на тимот за претстојната сезона есен/зима. Според најавите, модните парчиња ќе го надминат типичниот фудбалски асортиман на производи.
Иако сè уште не се знае многу за претстојната колекција, Анан-Џонатан ќе ја преземе дополнителната одговорност за подобрување на опциите за облека достапни во официјалниот фан-шоп на клубот.
„Приклучувањето на тимот во Кристал Палас е неверојатна можност да ги спојам мојата љубов кон фудбалот, мојата страст за Јужен Лондон и мојата визија за нови начини на поврзување и интеракција со постоечките поддржувачи и заедници. Преку свежи и возбудливи колекции, сакам да помогнам и да му покажам на светот зошто Кристал Палас и неговата база на обожаватели се единствени во однос на сите други во лигата“ – истакнува Кени Анан-Џонатан.