По повод лансирањето на новата сезона од филмската серија The Witcher, стриминг-сервисот Netflix создаде глобална промотивна кампања во која чудовишта ги напаѓаат најголемите светски градови.
Се работи за чудовишта со повеќе нозе наречени Миријаподи кои се појавуваат во самата серија, а во случајот и како дел од тродимензионални дигитални билборди и џиновски инсталации.
На пример, во Банкок во Тајланд, гледаме како едно од чудовиштата скока од еден екран на друг, па на зграда и од таму на трет билборд со најава за The Witcher. Целото шоу се случува на површина од дури 550 квадратни метри!
Во Њујорк, друго чудовиште го „крши“ екранот на билборд поставен на Тајмс Сквер. Слични билборди се забележани и во Германија, Италија, Данска и Холандија.
Повторно во Њујорк, но и во Берлин, Буенос Аирес, Милано, Москва, Виго и други светски градови, Netflix постави џиновски инталации на снежни глобуси со височина од скоро пет метри, во кои наместо зимска идила се сместени страшните чудовишта.
Втората сезона на серијата The Witcher беше лансирана на 17 декември, а кампањата беше создадена со помош на креативните агенции The Network и Founders.