Брендот на чипс Walkers ја лансираше својата нова Божиќна кампања насловена “It Feels Good to Share” („Чувството е убаво кога се споделува“), со која сака да поттикне отворена дискусија за менталното здравје и како луѓето навистина се чувствуваат.
Во централниот спот на кампањата, гледаме еден млад човек по име Лери кој се појавува на семеен собир по повод Божиќните празници. Тој постојано се обидува да биде позитивен и насмеан со сите, иако навистина не го чувствува тоа – воочливо преку анимираниот емотикон кој постојано лебди покрај неговото рамо.
Во последната сцена на рекламата, Лери оди во кујната каде се сретнува со еден пријател кој го прашува „Како е?“, на што Лери одговара дека е „добро“. За среќа, неговиот пријател не се откажува и дополнително го испрашува за тоа како навистина се чувствува, по што Лери почнува да се отвора. Притоа, споделувањето на чувствата се случува паралелно со споделувањето на кеса чипс од брендот Walkers.
Според истражувњето на брендот кое му претходело на кампањата, 52% од луѓето во Обединетото Кралство чувствуваат дополнителен притисок за време на Божиќните празници да се претстават како среќни и да се преправаат дека сè е во ред со нивните животи.
Наратор на рекламата е британскиот радио-презентер Роман Кемп.