(РЕГИОН) – Агенцијата “МекКен Тирана“ осмисли и успешно реализираше про боно кампања насловена како “Да ги почитуваме и живите“ за Министерството за внатрешни работи. Самиот назив на кампањата всушност ја претстави и главната порака упатена за јавноста. Кампањата има за цел да ги едуцира возачите и пешаците за почитување на сообраќајните правила што е од голема важност имајќи го во предвид големиот број на сообраќајни незгоди во Албанија што се случуваат речиси секоја година (само во 2013 год. дури 95 пешаци го изгубиле животот во сообраќајни незгоди).
Кампањата беше базирана на два впечатливи настани,во едниот пешак се обидува да помине улица соочувајќи се со “арогантен” возач, додека во другата ситуација, возач на кола, почитувајќи ја пред се традицијата, го запира возилото од почит спрема погребна поворка. Тежиштето на реализирањето на оваа кампања се темели токму на овој парадокс: додека на една страна не се почитуваат пешаците , на друга се почитува посмртната поворка.
95-мината настрадани пешаци во 2013 година се претставени со 95 лица во посмртната поворка. После поминувањето на погребната поворка, сите облечени во црно – го истакнуваат транспарентот со натпис “Да ги почитуваме и живите“.
Ивица Спасовски од Македонија, кој сега работи како креативен директор во агенцијата “МекКен Тирана“ по повод кампањата изјави: “Нашата агенција поседува богато искуство и знаење во областа на комуникациите, кои ги искористивме во креирањето на оваа единствена кампања на пазарот во Албанија. Направивме кампања која е во потполност базирана на локалниот insight, вклучувајќи се во иницијативата на Министерството за внатрешни работи за подигнување на свеста на граѓаните за проблемот со голем број на сообраќајни несреќи во кој животот го губат многу пешаци. Осмисливме и реализиравме една герила кампања во која на иновативен начин повикавме на почитување на пешачките премини. Веднаш по објавувањето, кампањата на интернет доживеа вирален ефект. Првиот ден видеото беше споделено повеќе од 1000 пати и имаше илјадници лајкови, коментари и разно-разни реакции. Кампањата предизивика огромно внимание и симпатии кај луѓето, покренувајќи јавна дебата, а спонтаноста во ширењето на информацијата за неа, направи медиумите во Албанија да ја поддржат и објават. Исто така, интересно е дека и премиерот на Албанија, ја постави на својата официјална Фејсбук страница, така што овие резултати покажуваат дека сме избрале добра идеја“
Видеото од кампањата “Да ги почитуваме и живите“ можете да го погледнете подолу: