Популарниот бренд на чипс Pringles лансираше нова кампања со која ја слави фудбалската култура, повикувајќи ги фудбалерите и навивачите да го задржат „забавното“ во „најважната споредна работа во светот“.
Кампањата се фокусира на серија од кратки 10-секундни спотови кои прикажуваат различни аспекти од фудбалската игра во комбинација со Pringles. Па така, имаме спот во кој фудбалери, наредени во линија, го чекаат стартот на нивниот натпревар, а еден од нив се забавува со Pringles. Во друг спот, гледаме фудбалери на тренинг, каде исто така има еден член на тимот кој повеќе ги преферира чипсовите отколку фудбалската топка. Во трет спот гледаме навивачи кои со Pringles имитираат новинарска екипа која бара стручно фудбалско мислење, додека пак во четврти спот, пакување на Pringles се појавува како новинарски „микрофон“ при давањето изјава на еден фудбалски менаџер.
Во сите спотови, чипсовите се вметнати на еден хомористичен и забавен начин, укажувајќи на централната идеја на кампањата дека спортот пред сé, како и јадењето на чипсови, треба да биде забавна активност. Покрај спотовите, кампањата ќе вклучува и дигитални, принт и out-of-home активности.
Кампањата е реализирана од страна на креативната агенција Grey London, со помош на продукциските куќи Town Productions и Hogarth, како и медиската компанија Carat.