Да направиме колку е можно повеќе убави работи, да се обидеме да направиме дела кои ќе имаат трајни вредности во иднина, за генерациите кои доаѓаат, вели Горан Јандреоски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ). Тој беше еден од говорниците на 28. издание „Бизнис кафе – Македонија“ кое синоќа се оддржа во Next Bar & Food во Скопје. Своите бизнис и животни патишта, како и научени лекции, опуштено и неформално ги споделија и Дијана Десподов, извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија и Жарко Костиќ, мотивациски говорник, доктор по медицина. Во забавниот дел од бизнис-кафето гости беа девојките од групата „The Chicks“.
Настанот го отвори Катерина Котлареска-Маневска, директор на „Актива Вел“, носител на лиценца за проектот „Бизнис кафе Македонија“, чија цел е преку организирано дружење со мали и средни претприемачи да се споделуваат информации, да се охрабруваат почетниците да влезат во претприемништво и да почнат сопствен бизнис.
Горан Јандреоски: Плати и знаење по најсовремени, меѓународни стандарди
Особено внимание предизвика излагањето и на Јандреоски, кој како прв човек на АЦВ во 2015 година дојде од позицијата менаџер за одржување во ТАВ Македонија, функција која ја обавувал од март 2010 година, со богата работна биографија. Познат како Горан Спа, меѓу луѓето, тој е и претседател на Светскиот Веспа клуб Македонија со кој раководи од 2006 година, а и претседател на BMW мото клубот Македонија. Минатата недела предаде подарок во Обединетите нации во делот на цивилно воздухопловство во име на државата, за што треба да се исполнат низа предуслови и успеси.
Агенцијата има за задача да ги усогласува сите меѓународните норми со цел безбеден транспорт на луѓе и на стока. Јандреоски не одбегна да зборува за високите плати во АЦВ, кои се честа тема во медиумите. – Континуирано, Агенцијата како и давателот на организациски услуги се под притисок на јавноста во делот на високите плати. Што значи висока плата е нешто дополнително, но ќе ви кажам дека постојат стандарди кои велат дека вработените во АЦВ во Македонија, Србија, Словенија и во Германија треба да имаат приближно иста плата за да може авиокомпаниите да бидат сигурни дека по прегледот на авионот на секој ќе му биде гарантирано исто ниво на безбедност. Цивилните агенции, по конвенција на Обединети нации не е дозволено да се финансираат од буџет на државата. Така е и во Македонија, Агенцијата не добива ниту денар од буџетот на државата и поради тоа ние имаме наше право да ги креираме политиките согласно меѓународните правила. Од друга страна, нашиот буџет го одобруваат меѓународни организации и имаат увид во висината на платите. Имам меѓународна обврска да не ги кажувам – вели Јандреоски.
Тој ги поддржува вработените кои одговорно ја завршуваат својата работа, ја сакаат и се дообучуваат за поуспешно да ја работат.
Во Сингапур студирал две години. Го фасинирала, меѓу другото, организацијата на општеството, културата на живеење, големата дисциплина на населението… Вработениот мора да се замине во пензија на 55 години, а потоа има обврска да ги промовира вредностите на државата во областа во која работел. Младите чувствуваат одговорност да ги обучат возрасните за новите технологии – вели тој.
Оваа недела стручен кадар од Сингапур се предавачи за подобрување на капацитетите на инспектори од АЦВ.
Неговото мото е: „Да направиме колку е можно повеќе убави работи, да се обидеме да направиме дела кои ќе имаат трајни вредности во иднина за генерациите кои доаѓаат“.
Дијана Десподов: Менаџерот може да е успешен колку што е успешен неговиот тим
Комуникологот по професија, Десподов, седма недела е извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија, позиција која ја прифати како искусен професионалец за односи со јавност, со силен капацитет за градење партнерства. Има значително искуство во полето на одржливоста и корпоративната општествена одговорност, како и меѓународното искуство во приватниот сектор и секторот за развој. Во комората освен американски, членуваат и домашни компании, но и невладини организации и образовни институции. Заеднички работат на подобрување на бизнис климата во земјава за сите, не само за членките на комората, а организираат и настани за учење и прибирање искуства. Во последната декада бизнисот сфати дека има место и улога во социјалниот поредок, па се промовираат проекти за решавање на социјални проблеми, на стратешки начин.
– На пример, околу Нова година децата без родители имаат по 20 пакетчиња, а немаат патики. Постојат социјални потреби кои приватниот сектор може да ги задоволи, но тоа треба да биде во консултација и со граѓанските организации и со ранливите групи. Ние се поставуваме како еден вид на конектор меѓу компаниите кои сакаат да влијаат на овој дел на општеството и оној кој има потреба од помош – вели таа. Во комората се слуша сечиј глас. Има програма за бизнис виза за САД со скратена постапка, а е огромен извор на информации.
Десподов е исклучително задоволна од тимот со кој работи, мал, како што вели, но подготвен. Смета дека менаџерот може да е успешен колку што е успешен неговиот тим.
– Убаво е наутро кога ќе влеземе во канцеларија сите да сме насмеани. Најбитно е сите да сме задоволни – вели Десподов.
Она што бизнис секторот во земјава може да го научи од други земји, смета, е дека ризиот многу често се исплатува.
– Во конфорт зоната не се случува ништо возбудливо. Би сакала да научиме да бидеме малку повеќе претприемчиви – објаснува Десподов.
Токму ова им го порачува и на младите кои почнуваат бизнис и додава дека треба да работат на оддржување контакти.
Нејзиното животно мото е: „Не грижи се тоа врз кое немаш контрола, но погрижи се за тоа врз кое имаш“.
Жарко Костиќ: Слободата е битна за да се оствари целта
Едно од животните мота на д-р Костиќ е: „Ако мрачиш – мрачно е, ако сјаеш – сјајно е“. Вели дека несериозноста не значи и неодговорност.
Прв пат се „соочил“ со мотивациски говор како поранешен кошаркар. Темата била за штетните ефекти од дрогата. Се уште го памети настанот кој го мотивирал да им помогне на луѓето да го сменат животот на подобро. На студиите по медицина, кои дел ги завршил во САД, вели, научил дека повеќе од 70 отсто од болестите се психосоматски, предзвикани од стресот.
Вели дека на луѓето им помага да ја најдат својата цел. Смета дека е значајно постојаното поставување цели, а тоа треба да го научат младите. Слободата, вели, е битна, за да се оствари целта.
Д-р Костиќ има емисија на една од телевизиите. Објаснува за учење на познат американски универзитетки психолог кој има откриено дека сите генијалци во својата сфера имаат 24 заеднички карактеристики.
– Она што мене ме заинтригира е што открил дека секој од нас има потенцијал да ги има тие 24 карактеристики, дека не се генетски особини. Тоа значи дека не се раѓаме генијалци, туку се создаваме. За секоја карактеристика имам емисија. Еве некоја: посветени се кон цели, имаат храброст, сакаат да стекнуваат знаење, имаат доблест да кажат дека згрешиле, ентузијасти се, оптимисти, волни да преземат ризик, сонувачи се. Ги обучувам луѓето што сакаат да постанат генијалци. Има начини и практични работи како да секој да ги вклопи во својот карактер овие 24 карактеристики – вели Костиќ.
Многу зборува на темата за јавни настапи и вели дека во животот многу работи се јавен настап.
– Тоа е нешто што човек треба да го владее – вели тој.