“Да се запознаеме со..“ е секција на М365 во која нашите читатели ги запознаваме со нашите читатели. Секција првенствено посветена на луѓето кои работат во маркетинг и ПР секторите во македонските компании, во која преку неколку кратки, блиц прашања промовираме професионалци кои знаме дека редовно си го читаат М365 и кои накратко ќе ни пренесат што актуелно се случува во нивната компанија и кои се предизвиците со кои нивниот сектор ќе се соочи во наредниот период.
Наш денешен гостин е: Јасмина Масри
Име и презиме: Јасмина Масри
Компанија: Нептун Македонија
Работна позиција: Маркетинг Директор
1.М365: Ве молиме претставете се накратко пред читателите на Маркетинг365?
ЈМ: Поздрав и благодарност за поканата. Да се сумирам во три збора: мајка, сопруга и маркеташ. Ова последново најдолго, повеќе од една деценија. Маркетинг бубачката ме касна во Публицис и со тоа ми го одреди животниот пат. Во Нептун сум скоро 5 години, одличен 5. Вљубеник во филозофијата на брендовите.
2. М365: Колку проценти од буџетот Нептун одвојува за реализирање на маркетинг програмите и кои комуникациски канали најчесто ги користите?
JM: Ако треба да одговорам најискрено, тогаш ќе кажам не е важно колку… туку дали треба повеќе, и во тој случај одговорот е да, треба. Треба повеќе внимание, повеќе енергија, повеќе време, повеќе простор и повеќе вложување. Во однос на каналите, со тимот ги работиме сите, правиме миксови и ги тестираме. Не се откажуваме од традиционалните, но се трудиме да бидеме и во тек со најновите. Ќе не’ најдете и во турска серија, но ние ќе ве најдеме и на GDN. Со оглед на продуктите кои ни се фокус на продажба и таргетот ни е многу широк, со тоа по автоматизам и каналите различни. Чорбата ја смислуваме интерно и почесто е вкусна.
3. М365: Кои се главните постулати, врз основа на кои Нептун Македонија ја креира својата комуникациска стратегија?
JM: Многу интересен е патот до нашата комуникациска стратегија, од една страна ги имаме нумеричките компаниски цели, од друга страна-нашата комуникациска потреба за нивно реализираење, но и стратегијата на брендовите кои ги застапуваме и продаваме. Стратегијата ќе ја најдете на половина пат, или во миксот, како милувате. По многу нешта миксот е одредница на нашата компанија и е веројатно единствената наша константа.
4. М365: Како Нептун Македонија се издвојува од својата конкуренција на македонскиот пазар?
JM: Сакаме да веруваме дека се разликуваме по многу нешта, по изгледот на продавниците, по обемот со кој работиме, по изборот на продуктите, по услугите кои постојано ги иновираме. Во оваа, како и во секоја бранша, треба да се работи со голема љубов и посветеност. Ние ги имаме и обете, и во маркетинг тимот, но и во целата компанија.
5. М365: Кон што е насочено вниманието на Нептун Македонија во моментов?
JM: Со срце и душа сме насочени кон добро завршување на првата половина од годината, и покрај сите контекстуални премрежија кои минаа околу нас и низ нас. Тука би ги споменала првиот роденден на нашата haPPy – картичка, која прооде и ни донесе многу радости нам, но и на нашите лојални клиенти. haPPy – кредитот, кој истотака го олеснува купувањето на продуктите од нашето портфолио и во духот на времето кое го живееме, се одобрува веднаш, на истото место каде се бираат производите. Се фокусираме и на промоцијата на осигурувањето на продуктите од сите ризици, нешто што како дополнителна услуга го нудиме. Постојано и постојано се фокусираме на клиентите и ги слушаме нивните потреби. Дали добро сме ги чуле, разбрале и делувале, ќе кажат преку нивните посети во нашите продавници, преку нивните шерувања и лајкови. :)
Колегите можат да Ве контактираат на:
e-mail : marketing@neptun.mk
web: www.neptun.mk