Работниците се една од најтешко погодените категории на граѓани како резултат на „новото нормално“ кое го наметна пандемијата на Ковид-19. Голем број од нив беа отпуштени и/или мораа да го променат своето работно место.
Со цел да ја охрабри работничката јавност во својата потрага по ново работно место, професионалната социјална мрежа LinkedIn лансираше нова кампања со која ги повикува луѓето „Да зачекориме напред, заедно!“
Централниот спот на кампањата отпочнува со сцена во која гледаме човек кој сред ноќта замислено лежи во својот кревет, загрижен за својата иднина и евентуалните нови работни можности. Тој се одлучува да преземе чекор уште во тој момент и да се промовира како „отворен за работа“ на LinkedIn.
Понатаму следиме како човекот го ревитализира својот дух и оптимизам во насока на пронаоѓање на ново работно место. Неговата трансформација е метафорично претставена и преку неговото омилено растение во домот, кое постепено ги разеленува своите овенати листови.
Рекламата завршува со сцена во која човекот и растението се појавуваат за својот прв работен ден на новото работно место најдено преку LinkedIn.
Кампањата ќе трае седум недели и покрај централниот спот кој ќе биде емитуван на телевизија, ќе вклучува и дополнителни активности на социјалните медиуми, одбележувајќи го првиот влез на LinkedIn на социјалната межа TikTok, планиран за јуни.
Создавањето на кампањата е помогнато од страна на агенцијата VCCP.