Креативниот натпревар Epica Awards со задоволство објави дека со овогодинешното жири ќе претседава Дагмара Шулце, глобална извршна директорка на Меѓународната огласувачка асоцијација (IAA).
Дагмара Шулце ја извршува нејзината сегашна улога од 2017 година, после неколку важни позиции во огласувачката индустрија – вклучително и 15 години во мрежата J. Walter Thompson. Пред да се приклучи на IAA, таа водела сопствена консултантска компанија фокусирана на градењето глобални брендови во секторот за луксуз и убавина.
Коментирајќи ги наградите Epica, Дагмара Шулце изјави: „Чест е да се биде дел од престижното жири од новинари кои ја следат и пишуваат за нашата индустрија. Тие се објективни, ја слават креативноста и ја внесуваат софистицираноста на вкусот и префинетоста во нивните проценки збогатени со знаење. Нивната работа бара од нив да имаат мислења, како и високи стандарди“.
Нагласувајќи го придонесот на IAA, таа додава: „Како и со наградите Epica, објективноста е во срцето на IAA. Ние не се залагаме за одреден сектор или за одредена земја, туку за индустријата во целина. Како и новинарите во жирито на Epica, ние ја поддржуваме и веруваме во моќта на креативноста“.
Здружението кое ги застапува огласувачите, професионалците од огласувачките агенции, технолошките експерти, едукаторите и медиумите, IAA нуди мисловно лидерство, образование, професионален развој, различни настани и можности за вмрежување.
Родена во Полска, Дагмара Шулце била една од првите пет вработени во J. Waltera Thompsona, набрзо по крајот на комунистичката ера. „Првично сакав да работам како фотограф, тоа беше мојата страст, но тетка ми – професор по економија – ми кажа дека маркетингот е следната голема работа. Во 1991 година, три години по падот на комунизмот, дипломирав маркетинг, што беше сосема надреален концепт во Полска во тоа време“.
Подоцна се преселила во Њујорк, каде што работела за De Beers, особено на револуционерната кампања „Women of the World, Raise Your Right Hand“ – која нагласувала дека жените не мора да бидат свршени или мажени за да носат дијамантски прстен. Подоцна, како дел од McCann Erickson, таа помогнала во лансирањето на Nespresso во САД.
Нејзината страст за фотографијата останува ненамалена, а додека водела сопствена консултантска куќа, таа ја добила можноста да соработува со една од нејзините хероини, Ени Лејбовиц, на револуционерната кампања Live Who You Are за The Corcoran Group.
Опишувајќи ја нејзината денешна улога во IAA, Дагмара Шулце истакнува: „Мојата цел е да ја надгледувам нашата долгорочна цел како глобален компас за индустријата, истовремено осигурувајќи се дека ѝ помагаме на индустријата да се движи низ предизвиците со кои се соочува почесто од кога било. Исто така, се трудам да ја зајакнам IAA (и нашите многубројни гранки) како единствен глобален бренд. Сакам да бидам сигурна дека целата наша мрежа стои зад нашата визија за да можеме да им донесеме вредност на нашите членови ширум светот на доследен, висококвалитетен начин“.
„IAA е посветена на градење силни брендови и воспоставување значајни односи со потрошувачите и општеството. Се водиме од основното верување дека она што е добро, добро е и за бизнисот“ – вели Шулце, додавајќи дека Здружението е отворено и достапно за сите. „Ние сме динамична, претприемничка група на луѓе кои ги слават различностите“.
Сесијата на главното Grand Prix жири на Epica Awards ќе се одржи на 5 декември 2023 година. Онлајн церемонијата на доделување награди е закажана за 7 декември, а сите резултати ќе бидат објавени на 8 декември.