Американската компанија за продажба на луксузен накит Tiffany & Co., позната и како Tiffany’s, важи за бренд со големо име и долга традиција од далечната 1837 година. Тоа се дури 184 години!
Меѓутоа, со својата најнова огласувачка кампања, лансирана во текот на јули, компанијата сакаше да се претстави во едно ново, модерно, младешко и тренди светло. Но, наместо да ги привлече помладите, кампањата успеа во неколку недели да ја оттуѓи својата јадрена потрошувачка демографска категорија – жените над 30 години.
Кампањата беше изградена околу слоганот “Not Your Mother’s Tiffany”, односно „Не Тифани на мајка ти“, во комбинација со шик модели на бела позадина. Некои од објавените видеа беа проследени со уште почудни пораки како „Се јави мајка ти. Рече, “ти кажав”.“
Па, наместо пофалби за нивната „храброст“, сосем очекувано, Tiffany’s се соочи со „артилериски бараж“ на социјалните мрежи. Коментар по коментар како од Tiffany ги навредиле жените, газејќи на сите веренички и брачни прстени и други парчиња накит кои им ги продале низ децениите.
Кампањата се најде на удар и на некои претставници од адвертајзинг индустријата. Извршниот креативен директор на агенцијата MUH-TAY-ZIK/HOF-FER од Сан Франциско, Џоел Каплан, вака ја сумираше ситуацијата: „За бренд иконичен како Tiffany, би очекувале пооригинален начин како да ги привлечат миленијалците и генерацијата Z. Наместо да застанат ЗА нешто, тие го избраа пристапот да застанат ПРОТИВ нешто, нивната сопствена историја и карактер“.
Доволно ќе беше компанијата само да се потсети на случајот со автомобилскиот бренд Oldsmobile поризведуван од General Motors, кој во осумдесетите години на минатиот век се одлучи за сличен пристап: „Ова не е Oldsmobile на твојот татко“. Резултатот беше сличен, кампањата ги отуѓи повозрасните и не ги привлече помладите.
Tiffany’s сé уште не се има огласено по однос на критиките.
Дали е ова најголемото маркетинг промашување на годината?
View this post on Instagram