Во урбаниот ритам на секојдневието, често не сме свесни како говорот на омраза го нарушува нашиот заеднички простор – не само во комуникацијата, туку и во социјалниот и емоционалниот живот на заедницата. Токму на ова прашање одговара новата уметничка интервенција во јавен простор, која преку визуелна и симболична форма го поставува прашањето: Колку далеку дозволуваме да нè однесе говорот на омраза – и дали сме подготвени да му ставиме крај?
Овојпат, како основа за акцијата е искористен најпрепознатливиот сообраќаен знак – STOP. Знакот кој повикува на претпазливост и пред кој мора да се застане. Во Скопје беа поставени повеќе од 50 такви знаци, трансформирани со нова порака: „Стоп за говорот на омраза“. Идејата произлегува од силната визуелна симболика на знакот, кој секојдневно нè тера да застанеме и да внимаваме. На ист начин, и оваа акција ги поттикнува граѓаните да „застанат“, да ја прочитаат пораката и да размислат за последиците од ширењето на омразата.
Говорот на омраза во Македонија зема сè поалармантни размери. Тој не е само вербална изјава – тој создава реални пречки за нормална комуникација, поттикнува поделби, конфликти и дискриминација, и остава длабоки траги врз поединците и општеството.
Целта на оваа акција е да потсети дека, како што постојат јасни правила во сообраќајот за да ја зачуваат нашата безбедност, така мора да воспоставиме и јасни општествени правила за да ја заштитиме јавната сфера од омраза.
Акцијата е дел од поширокиот концепт на креативен активизам, кој ја користи уметноста не само како израз, туку и како алатка за општествена промена. Наместо апстрактни апели, интервенцијата создава визуелно и комуникациско искуство што го трансформира обичниот јавен простор во место на соочување и дијалог. Преку оваа едноставна, но моќна порака, ги повикуваме граѓаните, институциите и заедницата во целина: време е да кажеме СТОП за говорот на омраза.
Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје.”