Норвешката поштенска служба Posten повторно лансираше храбра и важна Божиќна кампања во која се осврнува врз штетите што ѝ се нанесуваат на планетата за време на празничниот период.
Во централниот спот на кампањата, насловена „Дедо Мраз и Мајка Земја“, јавноста ја гледа затегнатата динамика меѓу двата митски лика додека се обидуваат да ги разрешат нивните разлики. Во основа, Дедо Мраз сака да им донесе што повеќе радост на луѓето преку подарување, додека Мајка Земја смета дека прекумерната потрошувачка е проблематична.
Поштенската служба била инспирирана од податоците на Норвешкиот климатски индекс, според кој само 10 од 100 компании ги намалиле своите емисии на штетни гасови во согласност со целите поставени во Парискиот климатски договор. Според организацијата, надежта е дека овогодинешната Божиќна кампања ќе ги мотивира другите компании „да ги засилат своите климатски активности и да бидат инспирирани да придонесат кон решавање на проблемот“.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција POL и продукциското студио Arts & Sciences.