Туристичката организација на Данска, VisitDenmark, лансираше нова меѓународна кампања со која се позиционира како земја во која луѓето треба да дојдат за да се опуштат.
Иако на Данска ѝ недостасуваат големите културни споменици и природни атракции на нејзините европски соседи, таа поседува нешто уникатно данско – полабава и посмирена перспектива на животот.
„Нашата земја нуди одличен спој на прекрасна природа, културни вредности и автентични секојдневни чуда кои чекаат да бидат истражени. Но, една од нашите најголеми атракции сме всушност ние самите – Данците. Нашата способност да ги прифаќаме работите онака како што се, на сосема опуштен начин, ја обликува нашата култура на начин што претставува инспиративно искуство за странците“ – објаснува Ерик Мортенсен, директор за глобален брендинг и развој во VisitDenmark.
Според кампањата, Данците се всушност толку многу „Зен“, што презимињата на дури 47% од нивното население завршуваат со „Сен“ – доволно добар индикатор за да ја посетите земјата доколку сакате да се најдете во состојба на ментален мир. :)
Кампањата отпочнала на 22 јануари со масивни билборди во европските градови Амстердам, Хамбург, Осло и Стокхолм, проследени со телевизиски спот адаптиран на локалните пазари. За целите на кампањата ќе бидат ангажирани и повеќе инфлуенсери на соодветните пазари кои ќе ги споделат своите искуства со „Данскиот Зен“.