Тинејџерите кои повеќе од три часа дневно гледаат програми со реклами, понездраво се хранат од децата кои помалку гледаат во малите екрани.
Во просек, овие тинејџери дури 10 пати во текот на денот нешто грицкаат, чипс, кекс или пијат газирани пијалоци. На годишно ниво, тоа се дури 500 нездрави ужинки.
Кога гледаат телевизија без реклами, тие не јадат повеќе, така што не постои поврзаност помеѓу времето поминато пред малите екрани и брзата храна, предупредува британски истражувачки тим за истражување на ракот. Поради поразувачките резултати, овој тим бара да се исфрлат рекламите за брза храна во програмите што се емитуваат пред 21:00 часот, но властите се противат на забраната. Забраната за рекламирање на високо калорични производи се однесува само на програмите наменети за деца, но поборниците велат дека тоа не е доволно бидејќи тинејџерите гледаат спортски, музички и други емисии, во кои овие производи масовно се рекламираат.
Друга студија покажала дека производителите знаат што прават. Од сите реклами кои се прикажуваат за време на популарните семејни емисии и серии, најголемиот број од нив се однесуваат на производи кои изобилуваат со масти, шеќери и сол.