После шест години пауза, пивскиот бренд Stella Artois се враќа на американскиот Супер боул со нова реклама во која главните улоги ги толкуваат фудбалската легенда Дејвид Бекам и холивудската ѕвезда Мет Дејмон.
Рекламата почнува со сцена во некој британски бар, каде родителите на Дејвид Бекам му кажуваат дека има „изгубен“ брат-близнак во Америка, кој што исто така се вика Дејвид (или Дејв по скратено). Бекам веднаш фаќа авион и заминува да го запознае својот брат, чиј лик го толкува Мет Дејмон.
Двајцата Дејвидовци се обидуваат да се зближат, но по првите неколку културолошки разидувања, согледуваат дека имаат две клучни заеднички работи – силен шут со нога и префинет вкус за пиво.
Со објавувањето на овој видеоспот, брендот Stella Artois, кој е дел од портфолиото на пивскиот гигант Anheuser-Busch, започнува нова годишна кампања насловена „For Moments Worth More“ („За моменти вредни повеќе“).
„Работејќи со двајца од најоригиналните и најпосветени партнери што би можеле да ги посакаме, оваа кампања ја става Stella Artois во срцето на културниот разговор, потсетувајќи нè да ги негуваме тие секојдневни моменти на вистинско поврзување. Не можеме да замислиме подобар начин да ја започнеме оваа целогодишна кампања отколку со Супер боул“ – посочува Крис Џонс, потпретседател за премиум брендови во Anheuser-Busch.
Рекламата е создадена во соработка со креативната агенција Artists Equity.