Од денес, 21 јуни, па до петок, 25 јуни, ќе се одржи најголемиот меѓународен креативен фестивал – Cannes Lions. Традиционално одржуван во Кан, Франција, фестивалот оваа година, поради пандемијата, ќе се одржи во онлајн издание.
За натпреварувачкиот дел на овогодинешното издание на фестивалот се пријавиле точно 29,074 креативни остварувања, кои се реализирале во последните две години. Во секој од петте фестивалски денови ќе бидат доделувани наградите во различни категории.
Популарните „кански лавови“ се сметаат за најпрестижните награди во креативната индустрија, презентирајќи ги најдобрите остварувања пред светската креативна јавноста и поставувајќи ги идните трендови за разој на индустријата.
Очекувањата се дека голем број од пријавените проекти ќе се однесуваат на пандемијата, додека пак други теми кои ќе преовладуваат се технологијата, општествените каузи и промоцијата на различностите.
Покрај тоа, фестивалот вклучува и специјална програма на бизнис и едукативни содржини кои ќе се однесуваат на осум различни теми кои најмногу го засегнуваат развојот на индустријата, а биле избрани во консултации со водечките светски личности од областа на комуникациите. На фестивалот ќе учествуваат преку 200 говорници од ширум светот, а покрај сесиите во живо, публиката ќе има можност да гледа и програмски содржини “on demand”.