На медитеранскиот француски брег во Кан, денес започнува 72-то издание на најпрестижниот меѓународен фестивал во светот на огласувањето и креативната индустрија – Cannes Lions. Фестивалот ќе трае до 20 јуни, обединувајќи ги креативните гласови од целиот свет во текот на пет дена исполнети со инспирација, иновација и прослава на креативноста.
Програмата на годинешниот фестивал предвидува над 150 часа содржина, со учество на водечки имиња од глобални брендови, но исто така и културни, општествени и спортски икони. Фестивалската програма опфаќа дискусии, работилници, настани за вмрежување, жирирање во живо, средби, искуства, доделување награди и многу повеќе.
Во натпреварувачкиот дел на фестивалот е забележан импресивен број на 26.900 пријавени проекти во 30 категории, што го покажува обемот и амбицијата на глобалната креативна индустрија. Во категоријата „Design Lions“ е забележан пораст на пријави од 17%, додека категориите „Creative B2B“ и „Entertainment Lions for Sport“ пораснаа за 13% и 15%. Категоријата „Glass: The Lion for Change“, која одбележува десетгодишнина од воведувањето, бележи пораст од 53% во бројот на пријавени проекти – што укажува на сè поголемиот фокус на општествено значајната креативност.
Пријавените проекти доаѓаат од 96 различни светски пазари, при што Латинска Америка бележи раст од 16% во бројот на пријави, а независните агенции пријавиле 18% повеќе проекти од минатата година. Овогодишното широко жири вклучува експерти од дури 79 земји, меѓу кои за првпат има претставници од Азербејџан, Босна и Херцеговина, Исланд и Монголија – што говори за сè подиверзифицираната и поинклузивна креативна сцена. Балканските претставници во жирито можете да ги разгледате ТУКА.
Како глобален репер за креативна извонредност, Cannes Lions има клучна улога во обликувањето на иднината на комуникациите. Фестивалот не само што ги наградува најдобрите идеи и кампањи, туку ја поставува насоката за тоа како креативноста може да го придвижува бизнисот, да влијае на културата и да поттикнува позитивни општествени промени.
Повеќе информации за фестивалот Cannes Lions 2025 се достапни на следниот ЛИНК.