Агенциската мрежа Dentsu го објави својот нов извештај со предвидувања за глобалните инвестиции во огласувањето за следната 2024 година.
Истражувањето анализирало 58 пазари ширум светот, покажувајќи дека инвестициите за огласување ќе се зголемат за 33 милијарди долари во 2024 година, достигнувајќи вкупна вредност од 752,8 милијарди долари. Тоа претставува раст од 4,6% на годишно ниво за огласувачката индустрија – многу побрзо од темпото забележано во 2023 година (+2,7% во однос на 2022 година). Сепак, инфлацијата на цените на медиумите продолжува да има значително влијание врз растот, па така глобалните инвестиции за огласување по постојаните цени се предвидува да се зголемат за само 2,5% во 2024 година во споредба со инвестициите во 2023 година.
Дигиталното огласување, исто така, се очекува да следи нагорна траекторија за да достигне 442,6 милијарди долари во 2024 година, што е еднакво на 58,8% од вкупните глобални инвестиции за огласување. Забавувањето до едноцифрен раст, првпат забележано во 2023 година (6,3%), се предвидува да продолжи во 2024 година (6,5%) и да стане норма во следните години – со тригодишна кумулативна годишна стапка на раст од 6,3% до 2026 година. Сепак, се очекува дигиталното огласување да продолжи да биде главниот двигател на растот на глобалните инвестиции во огласувањето и да привлече најголеми развојни инвестиции, со дополнително вложување од 27,1 милијарди долари следната година.
Извештајот на Dentsu укажива дека во 2024 година ќе има значајни медиумски можности за огласувачите во однос на големи спортски и политички настани како што се Европското фудбалско првенство и претседателските избори во САД, доведувајќи до зголемени инвестиции и на локално и на меѓународно ниво.
Бесплатниот полугодишен извештај за глобални инвестиции во огласувањето на Dentsu ги анализира финансиските податоци во реално време од целиот свет, идентификувајќи големи промени во влоожувањто во реклами по медиумски канал, сектор и географија. Покрај тоа, овој извештај, исто така, истражува два нови одредници за водечките брендови, овозможувајќи им да размислуваат за огласувањето во контекст на пошироките макроекономски фактори како што се пазарната демографија и бруто домашниот производ (БДП).
Нивната анализа предвидува дека во 2024 година, инвестициите за огласување ќе бидат просечно еднакви на 0,75% од бруто домашниот производ на земјите што се следат, што е во согласност со просечниот однос на инвестиции во огласувањето и БДП забележан во последните 20 години (0,70%). Некои пазари придонесуваат значително повеќе, на пример: огласувачите во Јапонија (1,26%), Обединетото Кралство (1,23%) и САД (1,13%) трошат многу повеќе во однос на нивниот БДП отколку оние на другите пазари.
Дополнително, извештајот покажува дека во 2024 година, огласувачите ќе трошат просечно 139 долари по глава на жител ширум светот. Тоа е околу 75% повеќе од она што го потрошиле пред 20 години (80 долари). Покрај тоа што покажува дека огласувачите трошат повеќе за да ја привлечат публиката, индикаторот на оглсувачки инвестиции по глава на жител исто така укажува и на зголемениот огласувачки притисок со кој се соочува публиката.
Во одно на каналите, предвидувањата на овој извештај за 2024 година покажуваат дека во дигиталниот простор, огласувањето на малопродажните медиуми ќе забележи најголем тригодишен кумулативен раст од 17,2%, проследено со огласувањето на социјалните мрежи со тригодишен кумулативен раст од 12,3%. Програматското огласување, кое веќе сочинува повеќе од 70% од инвестиците во дигитални реклами, исто така се очекува да продолжи да расте со тригодишен кумулативен раст од 10,2%.
По две последователни години на опаѓање на инвестициите за огласување, се предвидува дека телевизијата конечно ќе почне да расте (2,9%) за да достигне 23% од буџетите за огласување во 2024 година. Поврзаната телевизија ќе доживее брз раст од 30,8%, речиси двојно повеќе од растот во 2023 година (15,9%), бидејќи главните видео платформи ги лансираат или ги усовршуваат своите огласувачки способности.
Останатите медиуми се очекува да имаат 18,2% удел во вкуните инвестиции за огласување во 2024 година. Притоа, киното ќе порасне за 6,4%, надворешните реклами за 4,4%, аудиото за 1,1%, а само печатот ќе се намали за -3,3%.
Во однос на географијата, се очекува дека инвестициите во огласување ќе растат на сите континенти. И двете Америки, како најголеми региони во однос на потрошувачката, се предвидува дека ќе ги надминат Азија и Пацифичкиот регион со раст од 5,8% во 2024 година, значително повисок од растот од 2,5% што го имаа во 2023 година. Се предвидува дека инвестициите за огласувањето во Азиско-Пацифичкиот регион ќе пораснат за 4% во 2024 година (+0,5% во однос на 2023 година), додека пак во Европа, Блискиот Исток и Африка – ќе пораснат за 2,7% (+0,8% во однос на 2023 година).
Додека првиот квартал ќе има најбавен раст во годината (4,2%), се предвидува дека растот ќе се забрза во вториот квартал (4,9%) пред да достигне врв во третиот (5,5%), благодарение на големите спортски настани. Се предвидува дека два сектора ќе забележат многу побрз раст од светскиот просек: патувањето и транспортот (7,5%) и фармацевтскиот сектор (7,4%).
Целосниот извештај може да се симне бесплатно на следниот ЛИНК.