Телекомуникацискиот гигант Deutsche Telekom ја лансираше новата кампања “Project Futureproof”, чија цел е да ги охрабрува младите луѓе да ги следат своите соништа дури и во екот на глобална криза.
Централниот спот во кампањата отпочнува со сцена во некоја мала, старт-ап технолошка компанија. Една млада девојка носи лаптоп на кој се емитуваат вести, при што презентерот вели дека „денешната младина ќе страда најмногу поради актуелните светски настани“ – алудирајќи на пандемијата, економската рецесија, еколошките закани и општата несигурност за иднината.
Меѓутоа, откако девојката по грешка ќе истури пијалок врз некое парче технологија, се случуваат „гличови во матрицата“ т.е. „грешки/промени/прекини“ во реалноста, отворајќи нови можности за иднината. Наеднаш Амазонската прашума се проширува на 90% од својата некогашна големина, видови на птици за кои се смета дека се изумрени повторно се појавуваат во светот, вештачката интелигенција создава нова мода, а еден цел град добива напојување преку фотосинтеза.
Рекламата со научнофантастичен шмек споделува порака на дигитален оптимизам и предвидува нови кариерни можности кои би можеле да произлезат од уникатните интереси и страсти на младата генерација „Z“.
Кампањата е создадена со помош на агенцијата Saatchi & Saatchi London и продукциската куќа Somesuch.