Новата кампања на Deutsche Telekom и креативната агенција adam&eveBERLIN ги илустрира зголемените ризици со кои се соочуваат родителите поради порастот во злоупотребата на личните податоци и вештачката интелигенција.
Централниот спот на кампањата користи вештачка интелигенција на драматичен начин со цел да го привлече вниманието на јавноста кон ризиците кои ги носи самата вештачка интелигенција. Покрај можностите за дигитализација, Deutsche Telekom сака да укаже на итноста од одговорно ракување со личните податоци во дигиталниот свет.
Фотографии од одмор, семејни прослави или викенд патувања со целото семејство – ова се емотивни моменти кои пријателите и роднините сакаат веднаш да ги споделат. Често тоа се случува премногу невнимателно. Откако ќе бидат објавени на интернет, овие лични податоци се достапни низ целиот свет и без ограничувања. Преку кампањата #ShareWithCare (#СподелиСоВнимание), Deutsche Telekom сака да ја подигне свеста за одговорно ракување со фотографии и податоци.
Кампањата отпочнува со спотот „A Message from Ella“ („Порака од Ела“) во кој се применува „дипфејк“ технологија. Рекламата го користи примерот на едно семејство за да ги илустрира последиците од споделувањето детски фотографии на интернет. Компанијата го привлекува вниманието на публиката кон таканареченото „sharenting“ – многу критикувана практика во која родителите споделуваат фотографии, видеа и детали од животот на нивните деца на интернет.
Филмот поставува и преувеличува социјален експеримент кој што лесно може да се одвива во реалниот свет, бидејќи технологијата за него е одамна достапна. Сликата на деветгодишната актерка, наречена „Ела“, делува како протагонист на филмот. Со помош на најновата вештачка интелигенција, создаден е „дипфејк“ од девојчето. Таканаречените “deepfakes” претставуваат видеа, слики или звуци кои се вештачки генерирани преку машинско учење.
Во видеоспотот може да се види како „возрасната Ела“ се свртува кон нејзините изненадени родители. Таа испраќа предупредување од иднината и ги соочува мајката и таткото со последиците од споделувањето слики од нивното дете на интернет. За прв пат, создаден е „дипфејк“ во кој деветгодишно дете е доведено до виртуелна зрелост, за да може да се однесува и да се расправа како возрасна жена. Но, Ела е претставник на цела генерација деца.
„Телеком ја нуди најдобрата и најбезбедната мрежа. Но, покрај пристапот до оваа мрежа, ни требаат и неопходните знаења и алатки за безбедно и одговорно ракување со податоците на интернет. Бидејќи развојот на вештачката интелигенција истовремено содржи и можности и ризици. Во спотот, ѝ овозможуваме на вештачката интелигенција да нѐ предупреди за самата себе. И на тој начин, да ја истакне фасцинацијата и стравопочитта во исто време. Мораме да научиме соодветно да се справуваме со двата фактори“ – вели Ули Кленке, генерален бренд директор на Deutsche Telekom, по повод новата кампања.