Дигитализацијата како основа за развој е тема на годинешниот Самит на Македонија 2025, што ќе се одржи во Скопје на 18. ноември годинава. На Самитот ќе се презентираат најновите достигнувања, трендови, вештини и клучните двигатели на развојот во светот како кружната економија, регионалните успешни приказни и младите таленти, низ објективот на дигитализацијата. Ова е дел од концептот за просперитетна иднина на Платформата Македонија 2025 која е базирана на создавање простор за обединување на сите засегнати страни и усогласеност на клучните приоритети за долгорочен развој и за подобра иднина на Македонија.
На настанот ќе присуствуваат преку 25 врвни говорници и 400 учесници, кои ќе имаат единствена можност да се запознаа со последните светски трендови во бизнисот, да се вмрежат со исклучителни професионалци и да остварат нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори.
Дел од говорниците ќе бидат: Марсело Клауре – Главен извршен директор на SoftBank Group International; Н.Е. Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство во Македонија; Изабела Венг, автор и социјален претприемач за дигитална трансформација; Виле Корпела, футурист и соработник на академијата Dubai Future Academy; Мајлинда Брегу, генерален секретар на Совет за регионална соработка; Василис Монастириотис, Вонреден професор по политичка економија на Европскиот институт и директор за истражување на LSE за Југоисточна Европа и многу други.
Самитот ќе биде организиран во хибридна форма, со публика од околу 100-тина гости во хотелот Мериот во Скопје и бројна онлајн публика од околу 300 гости.
Сите заинтересирани може да се регистрираат на официјалната веб-страна: https://www.macedonia2025.com/summit-2021/
Самитот ќе го отвори Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а ќе се обратат и членови на Владата: заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров.
Меѓународната невладина организација по десетти пат го организира годишниот Самит Македонија 2025 кој претставува динамична платформа за споделување на знаења од областа на бизнисот, економијата, технологијата, лидерството и иновациите.