Како дел од активностите за одбележување на својата 25-годишнина, интернет пребарувачот Google ја лансираше „Временската капсула на трендови“ (“Trends Time Capsule”) – замислена како интерактивно патешествие низ колективните интереси и трендови во изминатите 25 години.
Оваа „временска капсула“ им овозможува на корисниците да ги разгледаат петте најпребарувани поими и наслови во различни категории – од филмови и анимирани серии, до спортски тимови и раси на кучиња – помеѓу 1999 и 2023 година.
Додавајќи елемент на персонализација, специјалната веб-страница нуди и забавен квиз каде што корисниците можат да видат како нивните омилени работи се вклопуваат во одредена „ера“ од развојот на популарната култура, односно како личните интереси се вкрстуваат со пошироките културни трендови.
Единствен проблем со целиот квиз е тоа што не можете да прескокнете некое прашања, доколку не сте добро запознаени со некоја тема, или пак не ви се допаѓа ниту еден од понудените одговори.
Во секој случај, доколку сакате сами да го испробате ова интерактивно искуство, истото е достапно на следниот линк.