Претседателот на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, г. Јордан Димитровски, денеска учествуваше на регионалната конференција „Western Balkans Digital Summit 2025“ во Скопје, посветена на дигиталната трансформација и интеграцијата на Западен Балкан во eдинствениот дигитален пазар на Европската Унија, организирана од Министерството за дигитална трансформација во Владата на Република Северна Македонија.
Како панелист и модератор, Димитровски ја отвори дискусијата за бариерите и можностите со кои се соочуваат стартапите, малите и средните компании од регионот, со цел нивно побрзо приближување до европските дигитални текови.
Во своето излагање тој истакна: „Единствениот дигитален пазар на ЕУ претставува најдинамично и најперспективно економско подрачје во светот. За нашите компании тој не е само можност – туку и крајна дестинација за раст и развој.“
Панел-дискусијата се фокусираше на четири клучни аспекти за развој на дигиталната економија во регионот:
- олеснување на пристапот до пазарот и надминување на регулаторните бариери,
- усогласување со европските стандарди и регулативи,
- унапредување на прекуграничната дигитална трговија и проток на податоци,
- пристап до финансирање и нови извори на капитал.
Заклучоците од дебатата беа јасни: иднината на економијата на Западен Балкан е дигитална и таа иднина е нераскинливо поврзана со европскиот пазар.
МАСИТ, како водечка платформа на ИКТ-секторот во Македонија, останува посветен да го предводи процесот на дигитална трансформација и да обезбеди подобри услови за раст и интернационализација на компаниите од регионот.
Само преку соработка, визија и забрзани реформи можеме да ја изградиме нашата позиција како рамноправен и конкурентен дел од европската дигитална економија.