На почетокот од овој месец, три од најголемите компании во американскиот медиски бизнис – Disney (дом на спортската мрежа ESPN), Fox и Warner Bros Discovery, претставија план да ја понудат својата спортска содржина на нова заедничка платформа.
Сè уште неименуваната стриминг платформа би започнала со работа оваа есен, емитувајќи фудбал, американски фудбал, хокеј, тенис, автомобилски трки, боречки спортови и така натаму. Доколку овој подвиг се покаже како успешен, може од корен да го промени начинот на кој се конзумираат спортските преноси во живо меѓу американската публика.
Новата услуга би била најголемата спортска инвестиција во сферата на онлајн стримингот досега. Според брокерската куќа Bernstein, вкупната вредност на спортските права на платформата би била еднаква на околу 16 милијарди долари годишно. Изразено во проценти, списокот со содржини на оваа платформа би бил еднаков на околу 55% од вкупната вредност на правата за емитување спортски настани во САД.
Според генералниот извршен директор на Disney, Боб Ајгер, овој потфат е „значаен момент за Disney и ESPN, а голема победа за љубителите на спортот и важен чекор напред за медиумскиот бизнис“.
Лахлан Мардок од Fox изјави дека компанијата е „возбудена“ што ќе биде дел од новиот, изразувајќи го своето уверување дека „услугата ќе им обезбеди на страсните фанови низа неверојатни спортски содржини на едно место, надвор од традиционалниот пакет.“
Дејвид Заслав од Warner Bros Discovery истакна дека новата услуга „ја демонстрира нашата способност како индустрија да поттикнуваме иновации и да им обезбедиме на потрошувачите поголем избор, уживање и вредност и ние сме воодушевени што токму тоа ќе им го испорачаме на спортските фанови“.
Сè уште не е познато колку ќе изнесува претплатата за една ваква стриминг платформа, но очекувањата на јавноста се дека тоа воопшто нема да биде ефтино. Останува да ги следиме новостите и да видиме како ќе се развива оваа голема медиска иницијатива.