Пред две години, медиската компанија Disney го претстави ликот на малата Никол и нејзината баба Лола, прикажувајќи како празничните традиции ги поврзуваат генерациите. Минатата година имавме можност да ја видиме возрасната Никол и нејзините деца, кои им посакаа добредојде на нивниот очув Мајк.
Оваа година, компанијата ја комплетира празничната трилогија на кампањата “From Our Family To Yours” („Од нашата фамилија до вашата“) со спотот насловен “The Gift” („Подарокот“).
Емотивната Божиќна реклама ја раскажува приказната за малата ќерка на Никол која се обидува да се прилагоди на променливата динамика во домот додека нејзиното семејство се подготвува да пречека уште едно дете во своите редови. Притоа, препознатливата маскота на брендот – Мики Маус – е константата што ги поврзува минатите, сегашните и идните генерации во емотивната трилогија.
„Знаеме дека Дизни им значи многу на семејствата за време на празничната сезона – било тоа во однос на заедничкото гледање филмови, облекувањето како омилените ликови или играњето со играчки. Кампањата се реализираше низ некои од најнеизвесните времиња во историјата и се надеваме дека нашите кратки филмови обезбедуваат забава, радост и оптимизам“ – посочува Сара Фокс, потпретседателка за маркетинг и комуникации на Disney.
Кампањата била создадена како резултат на огромен тимски напор, со 58 креативци од студиото за анимација Flux од Нов Зеланд задолжени да создадат тринаесет ликови, плус стотици реквизити и парчиња облека. Покрај нив, на кампањата работеле и писатели од Велика Британија, глобални истражувачи и повеќе тимови на консултанти од различни земји, како и продуценти, инженери за звук и текстописци. Песната за рекламата е изведена од американската актерка и пејачка Џесика Дероу.