Американската медиска компанија Disney ја објави својата нова Божиќна реклама која е создадена во партнерство со непрофитната организација Make-A-Wish Foundation, која исполнува желби на деца со критични заболувања.
Се работи за анимирана реклама која „оживува“ цртеж на 13-годишниот Дилан од Обединетото Кралство, кој изразил желба да биде аниматор.
Спотот насловен „Очув“ (“Stepdad”) ја илустрира приказната на човек кој се обидува да пополни татковска празнина во едно семејство, што со многу посветеност и љубов успешно успева да го стори.
Мајката во приказната е всушност малата Никол од минатогодишниот Божиќен спот „Lola“, сега веќе порасната во зрела жена.
Низ новата реклама се појавува и магична сликовница со ликови од светот на Disney и сродните франшизи како Star Wars, Marvel и Pixar.
Како дел од камапњата, Disney ќе донира 2 милиони долари на фондацијата Make-A-Wish. Дополнително, сите средства собрани од продажбата на песната “Love Runs Deep” која ја следи рекламата исто така ќе бидат донирани на фондацијата.
Кампањата е реализирана со помош на аниматорското студио Flux од Нов Зеланд.