Повеќе од 50 000 луѓе потпишаа петиција во која ја обвинуваат компанијата “Дизни“ за колонијализам и неетичко присвојување, бидејќи со патент ја заштити фразата “хакуна матата“ која доаѓа од јазикот свахили.
Значењето на фразата е „нема проблем“ на јазикот свахили, кој се говори во источна Африка, а официјалнен јазик е во Кенија, Танзанија, Уганда и Конго.
Петицијата, која ја повика компанијата “Дизни“ да не ја користи фразата во комерцијални цели, дојде откако компанијата најави римејк на анимираниот филм Кралот лав следната година, во која гласовите ги позајмуваат Бијонсе, Дени Гловер и други.
Терминот беше популаризиран од страна на кениските бенд “Them Mushrooms“, чијшто платинест сингл Jambo Bwana ја содржи оваа фраза.
Притоа Дизни ја искористи во првата верзија на приказната Кралот Лав во 1994 година, а песната Хакуна матата ја напишаа Елтон Џон и Тим Рајс. Девет години подоцна, Дизни го заштити и го патентираше како заштитен знак и дел од брендот.
https://www.youtube.com/watch?time_continue=48&v=xB5ceAruYrI
Шелтон Мпала, кој започна петиција, ја обвинува компанијата за присвојување.
“Дизни не може да заштити како заштитен знак нешто што не измислил”, пишува Мпала.
Професорот Кимани Нјогу, кој е на чело на работната група за справување со прашања од креативната економија, смета дека употребата на терминот за комерцијални цели е неетички.
“Големите компании на северот ги користат културните добра на Африка за да заработат пари. Тие многу добро знаат дека овој термин е човечка сопственост, дел од културата на цел еден континент”, вели Нјогу.
Оваа фраза е популарна во цела Источна Африка, а трговците често ја користат таа фраза во контакт со туристите. Тој истакнува дека не е фер што Кенијците не можат да “продаваат такви добра” во САД.
Компанијата “Дизни“ веќе се најде во слична ситуација, кога се обиде да го присвои мексиканскиот Ден на мртвите, што предизвика големи протести на интернет, а потоа го смени името на филмот и се повлече од патентирање на терминот.