Со цел истакнување на префинетоста и посветеноста во секоја етапа од процесот на производство на своите висококвалитетни парфеми, француската луксузна модна куќа Dior го објави краткиот филм “A wild beauty made by Dior in the heart of the France” („Дива убавина создадена од Dior во срцето на Франција“).
Двоминутниот видео спот во документарен стил се осврнува врз одгледувањето и преработката на лаванда во округот Drôme Provençal во јужна Франција.
Притоа, во првиот дел од филмот гледаме пространи полиња со лаванда меѓу ридовите на недопрената природа, опрашувани на природен начин од пчели и пеперутки. Вториот дел од спотот е посветен на традиционалниот начин на сушење и првична обработка на собраната лаванда од страна на локалните фармери во некое мало живописно гратче во рурална Франција.
„Собрана на голема надморска височина, оваа есенција има уникатен мирис. Свежа, со нота на сено што содржи допир на ванила, таа е побогата, поцветна и помалку ароматична од нејзините рамничарски роднини“ – коментираат од брендот Dior.