Големото „Браво сине!“ и наградата од 200.000 денари за најдобро креативно решение и дизајн на амбалажата на Слатко со идентитет ја доби Далибор Смилевски (21) од Кичево, кој на идејното решение работеше заедно со Мартин Стојмировски (22) од Кочани. На своето победничкото решение Смилевски и Стојмировски работеле повеќе од еден месец, анализирајќи ги и актуелните состојби на пазарот.
Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, претставниците на Skopje Design Week(SDW) и претставникот на компанијата „Јоми фуд“ги разгледаа и оценија сите пристигнати решенија, по што беше избрано победничкото.
На отворениот повик за изработка на дизајн за амбалажа на Слатко со идентитет, во потесна конкуренција влегоа 26 креативни решенија. Овие 26 решенија ги содржат сите елементи што беа пропишани во условите за учество на отворениот повик кој траеше од 18 јули до 1 септември годинава. Согласно критериумите на јавниот повик се бараше изработка на предлог дизајн на амбалажа за слатко од седум видови овошје од асортиманот на „Јоми фуд“, ексклузивно пакување и промотивен постер. Наградениот дизајн компанијата „Јоми фуд“ ќе го аплицира на своите производи во следниот период, по што слатката од седум видови овошје со нов изглед ќе се најдат во продажба.
Наградата од 200.000 денари за првонаграденото решение ја доделува Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.
„Навистина сме многу задоволни, бидејќи нашата највисока цел, да дадеме поддршка на младите креативци и да го поттикнеме нивниот ентузијазам, е постигната, а со тоа и мисијата на Иво Лауренчиќ продолжена понатаму. Покрај овие две цели, оваа платформа придонесе за зајакнување на свесноста кај домашните компании да креираат производи со идентитет, се гради мостот за поврзување на креативноста и бизнисот во функција на взаемниот и јавниот интерес, но и повторно се потсетуваме на нашите автентични домашни производи, во случајов нашето традиционално слатко. Поставивме пет високи цели, секоја подеднакво важна, заедно со сите партнери и поддржувачи на идејата, продолжуваме и следната година“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“
Првонаграденото, заедно со уште 10 решенија што влегоа во потесна конкуренција, ќе бидат изложени во просторот на „Браво Сине!“на годинешното издание на Skopje Design Week,што ќе се одржи од 23до 28 септември во Куршумли ан во Скопје. Skopje Design Week е партнер на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.
„Главна мисија на Skopje Design Week е истакнувањето на потенцијалот на дизајнот и креативноста во секојдневниот живот, но и примена на дизајнот во индустријата, како можност за нова додадена вредност на производите. Оттука, ние ќе продолжиме да даваме поддршка на вакви проекти и во иднина, бидејќи веруваме во потенцијалот на младите креативци“, изјави Марта Наумовска Грнарова, претставник на Skopje Design Week.
Движењето за поддршка на креативноста,Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ. Голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академската заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и целиот регион, дадоа поддршка на Движењето за поддршка на креативноста,Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, во насока на исполнување на овие цели.