Минатата недела во Брисел беа прогласени победниците на Европските награди за креативна ефективност Effie Awards за 2024 година.
Над 160 индустриски професионалци од повеќе од 20 европски земји придонесоа со своето време и увид во идентификувањето на најефективните камапњи во годината што изминува. Стручното жири предводено од Харисон Штајнхарт (DDB Paris) и Ива Бенефелд-Степаниќ (Mondelez), додели 55 трофеи на речиси 40 агенции од 19 земји низ Европа.
На McCann Worldgroup им беше доделена титулата за „Агенциска мрежа на годината“, освојувајќи 2 златни, 3 сребрени и 2 бронзи за нивната извонредна работа за брендовите Aldi, Mastercard, UNICEF, Getlini EKO, Czech Insurance Associatio и Majorica.
Престижната „Grand Effie“ награда, за најефективната поединечна кампања во изминатата година, беше доделена на агенцијата Dentsu Creative Amsterdam за кампањата “A piece of me” за холандската телекомуникациска компанија KPN. Заедно со холандската музичарка MEAU, тие создадоа песна и музичко видео кое го прикажува катастрофалното влијание на онлајн засрамувањето (“online shaming”) врз основа на вистинските приказни на жртвите. Како резултат, онлајн засрамувањето беше прогласено за незаконско, а KPN стана највредниот бренд во Холандија.
Наградите Effie Europe се организирани од Европската асоцијација на комуникациски агенции (EACA) во партнерство со Kantar како партнер за стратешки увид, Google, ACT Responsible и Ad Net Zero.
Целосната листа на наградени кампањи, агенции и брендови може да се најде на следниот ЛИНК.