Кампањите водени од некаква цел доминираа меѓу освојувачите на Grand Prix на овогодинешните награди PHNX во организација на AdForum.
Агенциите од мрежата на VML освоија вкупно пет Grand Prix награди, со што ја добија и титулата „Агенциска мрежа на годината“. За најдобра „Агенција на годината“ беше прогласена VML Singapore врз основа на вкупниот број бодови собрани на натпреварот.
Можеби најинтересен момент на натпреварот беше тоа што две различни жирија доделија две Grand Prix награди на истите два проекти: „Change the Angle“ за Lux од VML Singapore и „Life Extending Stickers“ за Makro Colombia од VML/Grey Colombia. Споменатите проекти ја поделија главната награда во категориите „Good Causes“ и „Strategy & Technique“.
Дополнително, кампањата „Life Extending Stickers“ освои трето Grand Prix во категоријата „Design“. Кампањата пласираше налепници со кои предлага начини на кои потрошувачите можат да користат „презреано“ овошје во разни рецепти, со цел борба против отпадот од храна. Жирито се согласи дека идејата е едноставна, ефективна и добро реализирана.
Проектот „Change the Angle“, пак, се бори против сексизмот во спортот со аплицирање на QR-код на спортската облека на женските спортисти за да го нагласи начинот на кој жените се објективизираат со аглите на камерата во телевизиските преноси.
Другите победници на креативниот натпревар исто така беа поврзани со добрите каузи. Главната награда во категоријата „Film“ ја освои кампањата „Me, My Autism and I“ за брендот Vanish од агенцијата Havas London. Семејната драма на многу трогателен начин ја прикажува важноста на одредени парчиња облека за лицата со аутизам.
Во категоријата „Digital“, главната награда исто така ја поделија два проекти: „855 How To Quit (Opioids)“ за Anzen Health од Serviceplan Germany и „Skins4Real“ за Gocco од Digitas Uruguay.
Конечно, Grand Prix наградата во категоријата „Print“ беше доделена за кампањата „Natural Intelligence“ од Circus Grey за брендот Nikon. Прекрасните фотографии на кампањата прикажуваа чуда на природниот свет кои треба да нè потсетат дека постојат чуда што може да се видат подалеку од нашите екрани.
AdForum ги лансираше наградите PHNX за време на карантинот во 2020 година со цел да се слави истрајноста на креативноста. Настанот продолжува да опстојува како еден од најнеобичните наградни фестивали во креативната индустрија. Неговото жири е составено не само од креативци, туку и од планери, директори, клиенти, ПР-овци, маркетери, консултанти… сите што ја сочинуваат нашата енергична индустрија.
Оваа година, повеќе од 1000 жирирачи гласаа за пријавените проекти онлајн, а добитниците на главните Grand Prix награди беа избрани на панел-дискусии во живо.
Освојувачите на сите златни, сребрени и бронзени награди може да се разгледаат на следниот ЛИНК.