Во хотелот Шератон во Загреб на 12 мај 2016, седми пат по ред беа доделени наградите РЕГПАК за најдобра амбалажа во регионот, а беа номинирани 17 брендови со повеќе од 80 производи од Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија.
Здружението Македонски совет за дизајн и оваа година ги номинираше македонските натпреварувачи, и со свој претставник учествуваше во меѓународното жири.
Македонски натпреварувачи оваа година беа „Princ Tatli“ – слатко од смокви во сопственост на Принцип Комерц ДООЕЛ, и вината “Private Reserve – premium vines” во сопственост на Винаријата Стоби, кои добија признанија за номинациите.
Меѓународното жири додели две РЕГПАК награди, едната за Сенор (Señor) друштво за комуникација д.о.о. од Хрватска, за амбалажата на вината „Под Зидот“ (Pod Zidom), и втората за Кабинет д.о.о. од Србија, за серијата етикети за пивото „Кабинет“.
На свеченото доделување на наградите во Загреб од Р. Македонија присуствуваа: Петар Ристовски, генерален менаџер на Принцип Комерц ДООЕЛ, Ана Стојановска од маркетинг агенцијата Division, дизајнер на пакувањето за „Princ Tatli“ – слатко од смокви и Гордана Вренцоска, претставник на Македонски совет за дизајн и член на жирито.
Македонските компании учествуваат на конкурсот РЕГПАК од 2010 година, промовирајќи ја на тој начин домашната индустрија, како и перцепциите за амбалажата како нераскинлив дел од производот.