Американската мултинационална прехрамбена компанија Dole лансираше нова кампања во која со помош на плишани играчки се обидува да го илустрира проблемот на детската глад.
Централниот спот од рекламата отпочнува со метафорични сцени пропратени со звук на детска смеа и џагор во кои плишани мечиња се прикажани во придружба на храна. Притоа, кинематографскиот акцент е ставен врз полните мешиња на плишаните играчки. Но, по претставувањето на четири вакви мечиња, следува петто кое стои осамено на скали, без храна, прикажано со испразнето меше (т.е. со извадено полнење).
Идејата на спотот директно се соопштува на крајот, преку натпис кој истакнува дека едно од пет деца во светот може да остане гладно за Божиќ.
За кампањата беше лансиран и специјален веб-сајт преку кој граѓаните на четири држави (Велика Британија, Нов Зеланд, Јапонија и Сингапур) можат да донираат на хуманитарни организации кои се борат против гладта кај децата.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција St. Luke’s и продукциската агенција Tag Collective Arts.