Пивскиот бренд Хајнекен објави нова реклама во која се осврнува врз домашните забави во „новото нормално“, како најново продолжение во својата кампања за одговорно дружење во пост-пандемискиот свет.
Спотот отпочнува со сцена во која гледаме различни луѓе како одат на домашни забави, притоа секој си има своја „тактика“ како да го притисне ѕвончето на домаќините без да се изложи на ризик од заразување – некој тоа го прави со лакт, друг со нога, трет со стап, четврт го дезинфицира.
Вториот дел од спотот е посветен на проблемите кои настануваат при распознавањето на помешани пијачки, во случајот шишиња Хајнекен. И додека сите се мислат „кое беше моето?“, третиот дел од рекламата ни презентира неколку решенија како да не се доведеме до таква непријатна ситуација.
На крајот, видеото завршува со едноставна порака – „Доколку заедно земате пијачки, држете ги одвоени“, проследена со хаштагот #SocialiseResponsibly („Дружете се одговорно“).
Кампањата е создадена со помош на агенцијата Publicis Italy.