Google доминира на австралискиот пазар за интернет рекламирање до тој степен што им штети на издавачите и огласувачите, а на крајот и на потрошувачите, објави во вторникот Австралиската комисија за пазарна конкуренција и потрошувачи (ACCC).
Повеќе од 90 проценти од кликовите на рекламите што се продаваат со поддршка на технологиите за дигитално рекламирање поминале низ најмалку една услуга во сопственост на Google во 2020 година, соопшти регулаторот.
Google ја искористи својата вертикално интегрирана позиција во обезбедувањето услуги базирани на овие технологии, што со текот на времето ја намали конкуренцијата во секторот, рече претседателот на ACCC, Род Симс.
„Таквото постапување му помогна на Google да ја воспостави и зајакне својата доминантна позиција во ланецот на снабдување со технологија за дигитално огласување. Компаниите не треба да ги истакнуваат своите услуги на штета на конкуренцијата, туку треба да добиваат работа според квалитетот“, додаде директорот на австралискиот регулатор.
Google има корист од огромната количина на кориснички податоци што ги добива преку пребарувачите, мапите и YouTube и треба потранспарентно да известува како ги користи, заклучи ACCC.
Регулаторот побара специјални овластувања за решавање на проблемот со нееднаков пристап на огласувачите до податоци, сугерирајќи дека компаниите како Google треба да бидат принудени да ги споделуваат податоците меѓу одделенијата или со конкурентите.
Во блог пост објавен непосредно пред извештајот на ACCC, од Google нагласија дека нивната технологија за рекламирање поддржува повеќе од 15.000 работни места во Австралија.
Придонесот на Google во австралиската економија е околу 2,45 милијарди долари годишно, додаваат тие.