Во пресрет на претседателските избори во САД што треба да се одржат на 3 ноември оваа година, главните огласни места на YouTube се резервирани за рекламирање на сaмо еден кандидат. Нив речиси целосно ги откупи Доналд Трамп, сегашниот претседател на САД и кандидат на следните избори.
На почетната страница на YouTube во ноември оваа година, ќе можеме да видиме реклама и повик за гласање за Доналд Трамп на претседателските избори, објави Блумберг. Доналд Трамп го купи главниот рекламен простор на оваа платформа и силно верува дека тоа може да му помогне да ги добие најдобрите резултати на следните избори.
Ова не е првпат Трамп да купува огласен простор на главните интернет платформи. Минатата година, тој потроши меѓу 500.000 и 1.000.000 долари на простор за рекламирање кога започнаа претседателските дебати во јуни. Засега е нејасно колку ќе чини овој потег на Трамп, но се зборува за цифра од околу 1 милион долари на ден за место на почетната страница на YouTube.
За да ги направат работите потранспарентни, во октомври 2019 година, YouTube воведе специјализирана алатка наречена Instant Reserve, која им овозможува на кандидатите да резервираат огласен простор во одредени региони и градови во одредени денови. Ним им беше дадено право да купат огласен простор до крајот на 2020 година.