Едно од најпрепознатливите обележја на фудбалскиот терен е централниот круг од каде што започнуваат сите натпревари. И додека вниманието на многумина беше насочено кон финалето на Светското фудбалско првенство за жени, кое се одигра изминатиов викенд, британската добротворна организација Breast Cancer Now укажа на уште една битка вредна за биење.
На денот на натпреварот кога репрезентацијата на Англија се соочи со Шпанија, организацијата објави досетлива илустрација која на прв поглед изгледа како обичен фудбалски терен. Но, штом погледнете повнимателно, ќе забележите одредена неправилност во долниот лев агол на кругот – теренот е пожолтен, а кружницата има благо испакнување.
Креативното решение е проследено со текст кој гласи: „Ако сите редовно проверуваат дали има промена во бојата, текстурата или чувството на нивните гради и ја запознаат нивната нормала, би можеле да помогнеме да се победи и ракот на дојката“.
Огласот бил објавен на социјалните мрежи и во неколку печатени весници, а бил поставен и во главните метро станици во Лондон – сѐ со цел да ги поттикне жените да направат контрола на своите гради.
Кампањата била создадена со помош на креативната агенција BMB.