Козметичкиот бренд Dove лансираше нова кампања насловена “Reverse Selfie” во која се осврнува врз негативното влијание на селфињата и алатките за нивно уредување врз самодовербата на младите индивидуи.
Според истражувачкиот проект на Dove за самодовербата кај младите, 85% од девојчињата започнале да употребуваат мобилни апликации за ретуширање и филтри за фотографии уште на возраст од 13 години. Овие алатки им овозможуваат да го менуваат изгледот на нивните фотографии, од менување на осветлувањето до измазнување на нивната кожа. Тие иста така можат да го менуваат обликот на лицето и телото.
Истото истражување открива дека 67% проценти од девојчињата се обидуваат да променат или сокријат барем еден дел или облежје од нивното тело, пред да објават фотографија од себе на социјалните мрежи. Сето ова доведува до помала самодоверба.
Dove се стреми да го привлече вниманието на јавноста во однос на овие проблеми со својата нова кампања и нејзиниот централен спот. Видеото го прикажува процесот кој младите девојчиња го применуваат при објавувањето на селфи, вклучувајќи го шминкањето, фотографирањето, уредувањето на фотографии и потоа нивното прикачување на интернетот. Меѓутоа, сите овие етапи во филмот се во обратен редослед, од каде и името – “Reverse Selfie”.
Според Dove, доколку фотографиите на социјалните медиуми се порепрезентативни за начинот на кој девојчињата изгледаат во секојдневниот живот, тие би се чувствувале посамоуверени.
Како дел од кампањата се создадени и специјални бесплатни „Комплети за самодоверба“ (“Confidence Kits”), кои можат да се симнат онлајн. Овие комплети нудат совети и ресурси за разбирање на социјалните мрежи и како тие да се претворат во поздрава околина.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Ogilvy London. За амбасадор на кампањата е ангажирана американската раперка Lizzo.