Институтот Ројтерс го објави единаесетото издание на својот „Извештај за дигитални вести“ (Digital News Report), овој пат базиран врз податоци од 46 светски пазари на шест континенти. Еден добар дел од истражувањето се фокусира на актуелната позиција на вестите меѓу публиката, а во продолжение пренесуваме дел од најважните заклучоци во однос на оваа тема.
Според резултатите на истражувањето, довербата во вестите опаднала во речиси половина од земјите каде било спроведено истражувањето, зголемувајќи се само во седум, со што е уназаден растот во доверба забележан при екот на пандемијата на коронавирусот.
Во просек, околу четири од десет луѓе од репрезентативниот примерок (42%) изјавиле дека им веруваат на повеќето вести поголемиот дел од времето т.е. 58% од луѓето немаат голема доверба во вестите. Финска останува земја со највисоки нивоа на вкупна доверба (69%), додека довербата на вестите во САД е намалена за дополнителни три процентни поени и останува најниска (26%) во истражувањето на Институтот Ројтерс.
Консумирањето на традиционалните медиуми, како што се телевизијата и печатените медиуми, продолжило да опаѓа во последната година на речиси сите пазари (пред инвазијата во Украина), при што консумирањето на онлајн и социјални медиуми и не ја надополнило разликата. Додека повеќето луѓето сепак остануваат доста ангажирани, други се оддалечуваат од медиумите и во некои случаи целосно се исклучуваат од вестите. Интересот за вести нагло опаднал ширум светските пазари, од 63% во 2017 година на 51% во 2022 година.
Во меѓувреме, процентот на луѓе кои велат дека избегнуваат вести, често или понекогаш, нагло се зголемил низ земјите. Овој тип на селективно избегнување е двојно зголемен и во Бразил (54%) и во Обединетото Кралство (46%) во последните пет години, при што многу испитаници рекле дека вестите имаат негативен ефект врз нивното расположение. Значителен дел од помладите и помалку образованите луѓе велат дека избегнуваат вести затоа што може да биде тешко да се следат или разберат – што сугерира дека медиумите би можеле да направат многу повеќе за да го поедностават јазикот и подобро да ги објаснат или контекстуализираат сложените приказни.
Во петте земји каде што Институтот Ројтерс истражувал по почетокот на војната во Украина, откриле дека луѓето најмногу се потпираат на телевизиските вести – при што земјите најблиски до војната, како што се Германија и Полска, забележале најголем пораст во консумирањето на вести. Селективното избегнување вести, сепак, дополнително се зголемило – веројатно поради нивната тешка и депресивна природа.
Глобалната загриженост за лажни и погрешни информации останува на исто ниво и оваа година – почнувајќи од 72% во Кенија и Нигерија, до само 32% во Германија и 31% во Австрија. Луѓето изјавиле дека виделе повеќе лажни информации за коронавирусот отколку за политиката во повеќето земји, но ситуацијата е обратна во Турција, Кенија и Филипините, меѓу останатите.
И покрај зголемувањето на процентот на плаќање за онлајн вести во мал број побогати земји (Австралија, Германија и Шведска), постојат знаци дека севкупниот раст може да стагнира. Во група од 20 земји каде што претплатата е широко распространета, само 17% од луѓето платиле за какви било вести на интернет – иста бројка како и минатата година. Убедувањето на помладите луѓе да се претплатуваат останува критично прашање за индустријата, имајќи ја во предвид просечна возраст на претплатници на дигитални вести која изнесува речиси 50 години.