Без разлика дали се работи за африканската савана, арктичката тундра, австралиската дивина или асфалтната подлога на тркачките патеки, камионетите на Toyota се тука веќе 70 години за да им овозможат на авантуристите да го постигнат максимумот во секакви услови.
Јапонскиот авто-производител сега го претстави својот најнов камионет во серијата Toyota Tundra, кој на пазарот треба да се појави во 2022 година.
Според компанијата, се работи за „најцврстиот, најспособниот и најнапредниот Tundra камионет досега“. Со цел негова промоција, брендот ја лансираше кампањата “Born from Invincible” („Роден од непобедливоста“).
Во централниот спот на кампањата ги гледаме различните варијанти на Toyota Tundra како успешно се справуваат во секакви драматични и тешки ситуации, совладувајќи ги предизвиците кои се појавуваат пред возачот.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Saatchi & Saatchi, додека пак режисер на рекламата е прославениот Антоан Барду Жакет. Тој е познат како режисер на најнаградуваната реклама во историјата на адвертајзингот – таканаречената “Cog” за Honda во 2003 година.