Германскиот производител на автомобили Porsche објави реклама за новиот целосно електричен модел Porsche Macan, напишана и ко-режирана од светската поп-ѕвезда Дуа Липа заедно со режисерот Клемент Дуру од дуото We Are From L.A.
Резултатот е возбудливо, апсурдно, лудо патување во имагинацијата на Дуа Липа, доловувајќи ја нејзината креативна суштина. Филмот претставува забавен израз на бескрајни можности, со често хумористични моменти: се среќаваме со зомбиња, избегана невеста, бркотници и трки со автомобили, па дури и патување до Месечината.
„Навистина сакавме приказна од Дуа која е 100% автентична, која навистина ја одразува нејзината фантазија и имагинација и која не би била типична реклама за автомобил. Па си помисливме: да ја оставиме таа сама да го напише нештото. Не може да се добие повеќе „Дуа“ од тоа. Од Porsche беа веднаш воодушевени од таа идеја, исто како и Дуа, и така започна целиот процес“ – објаснува Ралф Хеуел, генерален креативен директор на агенцијата Grabarz & Partner со чија помош се реализира кампањата.
„Работата на филмот за електричниот Macan беше многу забавна. Ништо не беше премногу откачено или надвор од границите, па навистина ми дозволија да дивеам со идеите. Од сонувањето на овие концепти кои беа буквално надвор од овој свет, до гледањето како тие еволуираат и оживуваат беше толку возбудливо искуство за мене“ – вели самата Дуа Липа по повод снимањето на реклмата.
„Со нејзината страст за креативност и енергичен карактер, Дуа Липа беше совршен партнер за соработка со Porsche. Како уметник, таа не е само пејачка и текстописец, таа е вистински мултиталент кој сака да ги испроба работите. Како бренд, навистина сакавме да го искористиме тој креативен потенцијал“ – додава Роберт Адер, генерален маркетинг директор на Porsche.
Популарната ѕвезда Дуа Липа стана бренд амбасадор на Porsche во 2023 година, оттогаш појавувајќи се на низа настани на брендот, а сега и во кампањата за новиот електричен Macan.