Британската телекомуникациска компанија О2 после шест години објави ново продолжение на кампањата “Walk” („Чекори“), овој пат со поп-ѕвездата Дуа Липа.
Серијалот “Walk” беше отпочнат во далечната 2009 година, а во неа досега се појавиле повеќе музички ѕвезди како Бијонсе, Ед Ширан и Лејди Гага. Во новото продолжение со Дуа Липа, ја гледаме британско-албанската пејачка како самоуверено чекори од плажа до сцена, проследено со музиката на нејзиниот хит „Houdini“.
Рекламата ја промовира програмата за лојалност Priority, со која корисниците на O2 и Virgin Media имаат приоритет во купувањето билети за претстојниот концерт на Дуа Липа на стадионот Вембли во Лондон (10 јули).
„Оваа соработка помеѓу Дуа Липа и О2 совршено ја доловува суштината на Priority и претставува одлична вест за нејзините фанови и нашите клиенти кои сакаат да добијат билети за Вембли 48-часа пред општата јавност. Овозможувањето ран пристап за нашите клиенти до најдобрите и највозбудливите концерти е она што ја прави Priority на O2 толку посебна. Има ли подобар начин да го прославиме враќањето на нашата иконична кампaња „Walk“ отколку со најголемата британска поп ѕвезда на планетата!“ – истакнува Герет Грифитс, директор за партнерства и спонзорства во Virgin Media O2.
Рекламата е создадена во соработка со креативната агенција VCCP London и продукциското студио Girl&Bear.