Истражувањето на ставовите на хрватската јавност укажа на континуиран раст на позитивната перцепција на огласувањето и комуникациската индустрија, а Хрватското здружение за деловно комуницирање (HURA) го истакна и позитивното влијание на индустријата врз јавноста и економијата.
Просечен жител на Хрватска смета дека, покрај тоа што се интересни и забавни, рекламите даваат информации за производите и им помагаат на купувачите при нивниот избор. Ова се резултатите од истражувањето спроведено од реномираната агенција за истражување на пазарот Ипсос во август 2019 година со цел разбирање и перцепција на професијата за маркетинг комуникации на пазарот, привлечноста на работењето во рекламната индустрија и ставовите во врска со рекламирањето.
Околу 60% од испитаниците веруваат дека точно знаат што прават вработените во огласувачката, односно комуникациската индустрија, а имиџот на професијата е оценет позитивно – иако половина од испитаниците немаа желба да работат во маркетинг агенција, дури 57% би им препорачале на другите. Главните активности на вработените во комуникациската индустрија се сметаат задачите на рекламирање, односно промоција, продажба и маркетинг.
Давор Брукета, извршен директор на Хрватското здружение за пазарно комуницирање (HURA), како причина за пораст на препознатливоста ја истакнува професионалноста на агенциите членки на HURA: „Нашата индустрија расте благодарение на високите стандарди и бројните активности што ги спроведуваме за да ја унапредиме професијата. Ова е евидентно и во резултатите од кои сме исклучително горди – приходите на нашите агенции-членки во 2018 година изнесувале 1,4 милијарди куни, а од 2014 година забележан е пораст од 97% на приходите од обезбедување услуги на странскиот пазар, со што како професија придонесуваме за домашната економија“.
Иако негативниот став дека рекламите им наметнуваат мислење на потрошувачите сеуште е присутен, забележан е тренд на намалување на овој став – 36% од испитаниците сметаат дека рекламите се негативни, додека 61% ги доживуваат како позитивни и корисни, што е за 6% повеќе во однос на 2013 година. Во текот на шестгодишното испитување на ставовите, се забележува континуирано зголемување на позитивната перцепција на индустријата за комуникација на пазарот, односно пад на негативната.
Креативна, професионална, општествено корисна и добро платена – вака индустријата за комуникација на пазарот ја перцепираат повеќето Хрвати. Типичните вработени во агенциите се сметаат за креативни и професионални, млади, високо образовани лица. Работата во маркетинг агенција им овозможува на вработените да се развиваат професионално, но во исто време, според истражувањето, тоа е стресна и сложена работа која бара многу одговорност.
Целото истражување на HURA и Ipsos е достапно ТУКА.